Лазаров: Среќен сум поради победата, но неколку ракометари ме разочараа

Алкалоид го совлада Вест Виен по вторпат и се пласира во осминафиналето на ЕХФ Купот, по што тренерот Кире Лазаров кажа дека е среќен поради победата, но не е задоволен со неколку ракометари од неговиот тим.

Лазаров призна дека неколку ракометари на Алкалоид го разочарале и најави дека ќе се работи уште понапорно во иднина.

„Ја остваривме целта и се пласиравме во следната фаза. Игравме против квалитетен тим од Австрија, ми се допадна нивниот менталитет, зашто не се предадоа во ниту еден момент. Им дадов шанса на сите мои ракометари во дуелот и морам да кажам дека не сум задоволен со неколку играчи. Треба да работиме и свесни сме дека мора да ги промениме старите навики ако сакаме да напредуваме. Загрижен сум затоа што нè очекуваат потешки натпревари во иднина“, кажа Лазаров.

Алкалоид ќе го дознае следниот ривал на ждрепката закажана за вторник, односно 3 декември.