Коментаторите на Арена: Ако Вардар стане шампион доаѓаме во Скопје!

Македонската јавност емотивно и еуфорично го доживува новиот продор на Вардар кон европското небо, за жал без коментар на македонски јазик. Наместо тоа, ги слуша Сретен Рашковиќ и Стеван Стевановиќ, од „Арена Спорт“ телевизија, кои станаа херои заедно со ракометарите на Вардар. Спорт1 им украде 10-тина минути од времето, додека се подготвуваа за натпреварот за трето место и ѕирна во нивните мисли и емоции.

Од Келн, 

ВЛАДКО АРСОВ

Сретен Рашковиќ е вљубеник во јужноамерикански фудбал, веќе 7-8 години има неспани ноќи затоа што коментира Копа Либертадорес и Копа Судамерикана, меѓутоа она што му се случува во Келн, со Вардар, вели е друга димензија. Стеван Стевановиќ, пак, е вечен заложник на ракометната убавина, уште од свои девет години и затоа не сонува да коментира Бока - Ривер во Буенос Аирес и доволно му е што е сега и овде во Келн. Тој ја запросил својата сопруга на Свети Наум и емотивно е врзан за Македонија можеби затоа ветил дека, ако Вардар стане шампион - доаѓа во Скопје на прослава.

Ајде да му појасниме на македонскиот гледач, како тоа српски коментатори, а страствено го коментирате Вардар?

Сретен Рашковиќ: Прво, како ТВ-куќа, „Арена спорт“ е свртена кон регионот, и сите држави во коишто се гледа ги гледа како свои. Бараме објективност, се разбира, кога ги коментираме тие клубови, особено ако играат меѓу себе, но од тоа излегува дека тие клубови, полека ти смилуваат. Ја сакаме својата работа, привилегирани сме да ги работиме најдобрите спортски содржини, обожаваме ракомет, а оваа генерација на Вардар ни прирасна при срце. Ние урлавме и пред 7-8 години кога Босна влезе во нокаут-фазата од ЛШ, кога Будуќност ја освои женската Лига на шампионите, а со овие момци сме веќе 2-3 години заедно и тоа е исто. Е сега, тоа нас не нè спречува да речеме, на пример, во 46. минута дека Калараш заслужува исклучување. Таму нема да ја поминеме границата и ако згрешиме ќе се обидеме да го поправиме тоа во следниот пренос, правиме видео анализи итн.

Стеван Стевановиќ: Се согласувам со Сретен, само што јас сум за ракометот и емотивно врзан, тренирав од моја деветта година. Што се однесува конкретно за наклонетоста кон Вардар, покрај тоа што ние сме регионална куќа и што мораме да навалуваме кон Србија пред сè, па потоа и кон Македонија, БиХ и Црна Гора, треба да навалуваме и кон играчите што доаѓаат од овие земји. Така вечерва, да речеме ќе бидеме наклонети кон Вардар, но од друга страна, мора да го испочитуваме и Петар Ненадиќ, нашиот Петар Ненадиќ, човек кој, практично, одрасна со мене, кој вчера доминираше против Кјелце или, пак, Момир Илиќ, кој, со должна почит кон сите од Вардар, но е име број еден на паркетот, судејќи по сето тоа што го има во кариерата. Тоа ни е некој наш сладок проблем. Но, тоа што Вардар вчера го покажа повторно излегува од некоја рамка на ракометната игра, тоа не е само ракомет, туку тоа е нација, тоа е скромен народ, емоција која Македонија ја има во себе и која играчите ја препознаа. Јас гарантирам дека во престојот во Скопје и Криштопанс и Карачиќ и  останатите, кај себе нашле нешто ново како луѓе.

Како се чувствувате синоќа кога се случи целата таа лудорија?

Сретен Рашковиќ: Привилегија, бајковито чувство и трето, мора да ја раздвоите стварноста од она што не е стварност и повторно да бидеш фокусиран да кажеш сè што треба, сите факти. Сепак, мора да потсетиш дали тоа е трета грешка по ред, која по ред одбрана е на Милосављев, можеби не потенциравме дека Чави Пасквал го загуби натпреварот...Но самиот момент, кој го доживеавме, останувате под адреналин следните 10 саати.

Стеван Стевановиќ: Ќе речам само дека го работев финалето на Вардар во 2017, но ова што го правевме синоќа во полуфиналето ми е уште посилно чувство. Значи тоа беше прва титула на Вардар, поголемо од тоа не би требало да има, но ете тоа чувство, вие да ја урнете Барселона на овој начин...тоа беше нестварно. Само можам да му заблагодарам на Бог што ние двајца сме на ова место и што ја имавме оваа привилегија, благодарејќи на нашата ТВ-куќа, која плати сериозни средства за да коментираме од овде, зашто да си на самото место – тоа е друга димензија.

Како ги споредувате другите содржини кои ги коментирате со ова што се случува овде?

Стеван Стевановиќ: Јас веќе објавив на Фејсбук, за мене не постои поголем спектакл во сала од ова во Келн.

Сретен Рашковиќ: Сега имавме привилегија да бидеме на СП во Германија и во Данска, Берлин беше, веројатно, најдобро организиран, таму играа домаќините. Имате 15.000 Германци како навиваат за својата репрезентација во финале против Франција и повторно тоа не може да се спореди со ова во Келн. Овде има воигран систем и оваа година, некако, ми изгледа најемотивно, веројатно поради трите различни екипи, плус Барселона, која никогаш немала олку навивачи. Јас сум коментирал Евролига, каква е – таква е, кошарката ќе биде секогаш погледана од ракометот, но таму често салите се празни. Затоа јас сум горд на ракометот. Можеби е монотоно да биде Келн секоја година, но секогаш е спектакл кој не познава граници.

Што да очекуваме денеска во финалето?

Стеван Стевановиќ: Уфф..многу ќе биде тешко. Ајде да се обидеме да бидеме објективни, без разлика што ние сме наклонети на Вардар. Мислам дека Веспрем има блага предност, затоа што вчера порано го заврши полуфиналето и второ затоа што од него излезе некако помалку ранет. Имаа еден полесен ритам од тоа што мораше Вардар да го направи во второ полувреме, да уфрли во седма брзина.

Сретен Рашковиќ: Јас ќе речам вака, на Веспрем сега се чека да му се врати за сè што чека наназад низ годините. Но, да ве потсетам една работа. Вардар повеќе се истроши психички и физички, веќе доживеа некоја бајка и сите велат дека Веспрем со ладна глава ќе влезе во овој дуел. Ајде да се вратиме во 2017, беше исто. Циндриќ, емотивен крај на полуфиналето, ПСЖ мирен и ултра-фаворит, па 60 минути им кршеа коски и на крај повторно еден гол реши. Ваков Вардар е најопасна екипа на светот. Ќе биде крш финалето, особено што Милосављев ми кажа дека Веспрем му е попосакуван противник. Можеш да им се прилагодиш на играта, можеш да ги раниш полесно. Не би рекол дека е Веспрем фаворит, неблагодарно е да се прогнозира и затоа јас би оставил отворено 50-50.

Ајде сепак дајте ни прогноза точен резултат, кладилничарски?

Сретен Решковиќ: Стеван не го сака тоа, неговиот став е дека тоа го извалка спортот, а јас сакам да прогнозирам. Мислам дека ќе биде рововска битка со помал број голови. Ако постои некоја граница, мислам дека никој нема да даде повеќе од 25 гола. Доколку не ги понесе моментот, мислам дека ќе се заврши 25 за победникот и 22,23 за поразениот.

Стеван Стевановќ: Мислам дека во ова финале, како и во сите други големи натпреварувања, прашање е колку успеале да го оспособат Штербик. Вчера почна фантастично, а беше критикуван претходно. Дали ќе може Милосављев да го повтори она што го направи во полуфиналето или, пак, дали Петар Ненадиќ ќе влезе во ритам, како вчера, кога даде 12 од 14. Тоа е таа проблематика, кога немаш ден да се одмориш. Дали некој лошо се разбудил, дали друг спиел повеќе, сè е значајно. Затоа е многу интересно и има посебен шарм.

Што би сакале да коментирате, што е сон и врв на кариерата?

Сретен Решковиќ: Јас веќе со години коментирам Јужноамерикански фудбал, зборувавме синоќа и приватно, би сакал еднаш да коментирам Суперкласико од лице-место. Меѓутоа имам и друга неостварена желба, а тоа е она што го коментираме на Вардар, да го доживееме и со некој наш домашен клуб или репрезентација. Искрено, во јануари изгоревме во прво коло, на мечот меѓу Србија и Русија, па и во последното коло, Србија – Кореја, за да на крај таа екипа да биде 18-та. Тоа не е ништо лошо, но сакам да објаснам колку се вложивме тогаш. Тоа е репрезентација и тоа е ракомет. Прашање е што би ми останало од гласот кога Србија би се борела за медал или, пак, некој клуб од територијата на Србија да може да го доживее тоа што го доживува Вардар. Така што, во некое преносно значење, Вардар го доживувам како свој. И ќе повторам, се радувавме и со Будуќност и со Босна и тоа некаде наидува на осуда, некаде на одобрување. Во овој регион некој сака, некој не сака, некој не ги сака ни едното ни другото.

Стеван Стевановиќ: Со оглед на тоа што јас на Арена коментирам само ракомет и ‘само’ 10 до 15 натпревари неделно, затоа што го покриваме најдобриот ракомет што постои на светот, би сакал тоа така да остане и репрезентацијата на Србија да дојде на нивото на ракометот како што беше во поранешните простори, кога владееше Металопластика. Да можеме таа емоција што ја изразивме со Вардар да ја пренесеме и на нас. Од предизвиците, на пример, за мене како коментатор кој сега влегува во десетта година од работен стаж во Арена, број еден е коментар од лице место на Ф4-турнир на ЛШ. Од тоа подобро нема.

Ако Вардар освои титула, дали би дошле во Скопје да прославите, па можеби и да се запознаете со македонската публика?

Стеван Стевановиќ: Јас на македонскиот народ му ветив дека обавезно ќе се спуштам долу, ако освојат титула и ветувањето мора да го исполнам. Му реков и на Сретен да си планира, да си подготви средства за патување, така што мора да го одржам зборот. Веројатно и македонската публика ќе го поздрави тоа. На крајот на краиштата, јас жена ми ја побарав на Свети Наум, па малку повеќе сум врзан за Македонија.