Голманче на 17 години со мајка си дојде во Келн да го менува Штербик!

Арпад Штербик се повреди лошо во вчерашното полуфинале против Кјелце, ја напушти играта во 21. минута и не се врати повеќе мегу стативите. Веспрем повика замена за денешното (18.00) финале со Вардар, 17-годишниот Криштоф Палашич за да му биде помош на Роланд Миклер.

Иако важи за голем талент и за голем работник, сепак Палашич е уште малолетен, така што во Келн дојде во придружба на мајка си. Спиел доцна синоќа кога му јавиле дека ќе треба да се приклучи на тимот на Давид Дејвис, но според Петер Гулјаш, поранешен играч на Веспрем и сега тренер на младинскиот тим, на Палашич нема да му се тресат нозете од можноста.

Арно ама, има еден проблем во целава работа. Арпад Штербик, сепак, остана во записникот за денешниот натпревар без разлика на повредата, па младиот Палашич и неговата мајка ќе мора да останат на трибини како гледачи. Слична е ситуацијата и со Наг, кој иако важеше за повреден, сепак е во составот.

Која е вистината и колку навистина овие ветерани можат да играат вечерва со Вардар, ќе мора да го почекаме натпреварот.