Франција ја здроби Чешка, Шпанија подобра од Србија на стартот на ЕП

Европското првенство (ЕП) во ракомет почна денеска со два натпревари од 18 часот, при што во еден од нив Франција ја декласира Чешка со 42-28, додека Шпанија славеше со 29-27 против Србија.

Француските ракометари имаа одличен почеток со серија од 6-0, по што Чешка стигна до првиот погодок, по што стана јасно кој ќе биде поблиску до победата на оваа средба.

На полувремето Франција замина со водство од 20-14, а во вториот дел продолжи да го полни голот на Чесите и на крајот триумфира со убедливи 42-28.

Дури тројца ракометари на победничкиот тим постигнаа по шест голови, и тоа Елохим Пранди, Мелвин Ричардсон и Дилан Нахи. На спротивната страна најдобар беше Петр Широки со шест погодоци.

Шпанија го контролираше мечот од стартот против Србија, која се мачеше да ја намали негативата под три погодоци, а на крајот на полувремето губеше со 15-19.

Второто полувреме го одбележа израмнета игра од двете репрезентации, со падови и добри моменти, но Шпанија ја задржа предноста до крајот и славеше со 29-27.

Најефикасен во составот на Шпанија беше Тарафета со пет голови, додека Којадиновиќ запиша шест погодоци за Србија.

Фото: EPA