ЕХФ жестоко го казни Партизан поради АЕК!

Ракометниот клуб Партизан ја доби казната од ЕХФ за лошата организација на мечот против АЕК кој не се ни одигра во Србија.

Четвртфиналниот меч од Европскиот ЕХФ Куп меѓу Партизан и АЕК не се одигра во предвидениот термин откако гостинските ракометари одбија да играат поради дивеење на домашните фанови. Мечот подоцна се одигра на неутрален терен, црно-белите доживеаа вкупен пораз, а сега добија и голема казна.

Поради безбедносните пропусти, дополнителните трошоци предизвикани од одложувањето на мечот, како и поради истакнување на политички транспарент, ЕХФ го казнува Партизан.

Клубот доби парична казна од 15.000 евра поради непримерно и исклучително опасно однесување на публиката.

Партизан доби казна од пет домашни натпревари во Европа без присуство на публика, од нив два се условни, во зависност од понатамошното однесување.

На Партизан му се наложува да ги плати сите трошоци за одложениот натпревар против АЕК. А добија и казна од 4.500 евра за политичкиот транспарент.

На оваа одлука Партизан може да поднесе жалба во рок од седум дена.

ФОТО: X/RK Partizan