ЕХФ уште сега вели: Вардар не може против Пик Сегед до Ф4!

На еден ден до почетокот на осминафиналето во ракометната Лига на шампионите, ЕХФ објави уште едно рангирање на десетте најдобри екипи досега сезонава. Вардар падна уште едно место од претходниот топ-10 и се наоѓа на шестото место.

Иако во четирите натпревари од пролетната полусезона во Лигата на шампионите Вардар победи трипати, а загуби само еднаш (дома од Веспрем), тоа не беше доволно Вардар ни да го задржи претходното петто место. Сега пред него е Фленсбург на петтото и Веспрем на четвртото место, а првата тројка и понатаму е во ист состав: ПСЖ, Барселона, Пик Сегед.

Она што паѓа во очи на црно-црвените навивачи е дека Пик Сегед и понатаму е во првата четворка, односно екипите, кои според ова рангирање заслужуваат место на Ф4-турнирот. Пик Сегед е потенцијалниот противник на Вардар на последното скалило до Келн, така што излегува дека македонскиот тим ќе влезе како аутсајдер во тој дуел.

Тимот од Скопје продолжува да импресионира и оваа сезона и покрај низата промени минатото лето. Домашен пораз од воскреснатиот Веспрем беше единствениот кикс во 2019 досега, поради што Вардар падна на трето место во Групата А. Затоа ќе се соочи со незгоден тест против Вардар во топ-16, пишува во краткиот опис на сајтот на ЛШ.

Точно е дека ова рангирање е само субјективна констатација на еден експертски тим на ЕХФ, врз основа на формата во последните неколку натпревари, но во нив Вардар има три победи и еден пораз, а Пик Сегед две победи, пораз и реми. Дури и не е толку голема разликата во ефектот на двете екипи на конечните табели. Вардар е трет во групата А со скор 9-1-4 и 19 бода, Пик Сегед втор во групата Б со 9-2-3 и 20 бода.

Сепак, за воопшто да дојде до дуелот со Пик Сегед, Вардар прво треба да го мине Загреб. Првиот меч се игра в сабота во Хрватска, реваншот на 30 март во „Јане Сандански“. На досегашните три рангирања на ЕХФ, Вардар почна надвор од топ-10, пред почетокот на сезоната. По одличниот старт беше четврти во октомври, за во февруари да му го доделат петтото место.