ЕХФ со голема чест за ракометниот Вардар - го спореди со Реал Мадрид!

Екипата на Вардар денеска од 18:45 часот ќе се соочи против Бенфика во Лигата на шампионите, а денешниот ден за Португалците е посебен затоа што во Лисабон гостува и друг поранешен европски шампион – Реал Мадрид.

Токму гостувањето на Реал Мадрид во рамките од Лигата на шампионите беше причина натпреварот да се помести и место во 20:45 часот, да се игра во првиот термин. Сега ЕХФ му укажа голема чест на Вардар со тоа што го спореди со гигантот кој е најтрофеен во Лигата на шампионите и еден од најголемите светски брендови.

Реал Мадрид Лигата на шампионите во својата историја ја освојуваше 15 пати, додека Вардар тоа го направи двапати во 2017 и во 2019 година.

„Бенфика во ист ден денеска дома ќе игра против освојувачи на Лигата на шампионите во фудбал и ракомет“, стои во најавата од ЕХФ со фотографија на која се најавуваат двата дуели.

Реал Мадрид ќе потсетиме, својот натпревар во Лисабон го игра во терминот од 21:00 часот.