„ЕХФ им 'плукна в лице' на ракометарите од (по)малите земји во Европа!“

Неочекуваната одлука на челниците на Европската ракометна федерација (ЕХФ) за откажување на нокаут-фазата од Лигата на шампионите, како и на квалификациите за Светското првенство (СП) во Египет донесе револт кај многумина инволвирани по клубовите и федерациите директно погодени од ваквото решение.

Меѓу погодените се и Вардар, кој нема да го игра елиминацискиот дуел со Пик Сегед, по решението само најдобрите четири тима по групната фаза да играат на фајналфор-турнирот во Келн и репрезентацијата на Македонија, на која ѝ е одземена шансата да се проба со Франција во баражот за место на следниот Мундијал, а која сега може само да сонува за вајлд-карта за овој настан. Меѓу тие што најбурно реагираа на одлуката на ЕХФ е првиот човек на летонскиот ракомет, Мартинш Бичевскис.

„Шокиран сум од решението на предводниците на европскиот ракомет, кое е донесено без никаква дебата. За мене тоа е плукање в лице на ракометарите и на ракометните работници во многу, најчесто (по)мали европски земји. Без разлика на предизвикот кој го наметна пандемијата со коронавирусот, ова решение во најмала рака не во согласност со фер-плејот“, изјави Бичевскис.