Бутел си победи за крај на кратката европска екскурзија

Бутел Скопје е првиот македонски претставник кој ја заврши штотуку почнатата сезона 2020/21 во новоформираната Европска лига на ЕХФ. Елиминацијата од Ѓенѓеш беше позната уште на вчерашниот прв дуел, но скопјани за утеха победија во денешниот реванш.

Како што често бидува во ваквите сценарија, домашниот Ѓенѓеш влезе со чувство на победник во овој возвратен меч, откако синоќа славеше со недостижни 34-21, па затоа дозволи Бутел да запише победа во своето европско резиме, со 25-24.

Во спортскиот центар „Ѓенѓеш Варош“, во ретка сценографија со публика на трибините, повторно домаќините поведоа, меѓутоа ни одблизу убедливо како вчера. Имаа тесно водство во првиот дел, кој го завршија со 14-12. 

Во вториот, Ѓенѓеш го повтори највисокото водство со плус три, а Бутел изедначи на 20-20 дури во 55. минута. Поведе и со 25-22, а до крајот ја сочува предноста. И двата меча се играа во Унгарија, на договор на двата клуба, поради рестрикциите за патувања поради коронавирусот.