Алушовски: Тоа што го одигравме во финишот е за секој респект

Вардар конечно ја запиша втората победа сезонава во Лигата на шампиони и тоа против Елверум во Скопје со 35-32. Тренерот Стевче Алушовски конечно може малку да здивне, бидејќи тимот славеше по пауза од четири месеци. 

Тој беше пресреќен што неговите играчи финишот го одиграа како вистински шампиони и го покажаа својот карактер. 

„Мислам дека бевме поприсебни во последните моменти, можеби и малку поискусни од Елверум во вакви моменти, па можеби и малку посреќни. Отворивме многу лошо во првото полувреме, ако не се лажам со 11 промашени шутеви. Нивниот голман беше расположен и на паузата имавме минус три. Го одигравме второто полувреме до последниот атом и честитки за сите играчи. Она што го покажавме во последните пет минути е за респект. Тоа е нашиот победнички карактер“, изјави Алушовски.