Вуко Борозан и во следната сезона ќе „бомбардира“ во дресот на Вардар!

Ракометниот клуб Вардар и црногорскиот репрезентативец Вуко Борозан постигнаа договор за продолжување на соработката, со што левиот бек ќе остане дел од „црвено-црните“ и во сезоната 2025/2026.

Станува збор за повеќе од значајно засилување на црвено-црните во пресрет на новите предизвици во домашното првенство и европските натпреварувања. Борозан вториот мандат во Вардар го почна лани, а со своето искуство, физичка надмоќ и моќен шут стана еден од клучните играчи во освојувањето на трофејот во Купот на Македонија.

Борозан зад себе има богата историја со Вардар – во периодот од 2016 до 2019 година беше дел од златната генерација на клубот со која освои три шампионски титули, три Купа и три трофеи од СЕХА лигата. По заминувањето од Скопје, настапуваше за унгарски Веспрем, катарски Ал Араби и црногорски Ловќен.

Тој на репрезентативен план ги бранеше боите на Црна Гора на големи натпреварувања во 2014, 2016 и 2024 година, а во 2017 беше прогласен за најдобар спортист на својата земја.