Во 2018 на грб на Вардар стана шампион на Европа, а сега - доаѓа во Скопје!

Засилувањата на Вардар за идната сезона продолжуваат на францускиот пазар. Спорт1 дознава дека македонската ракометна гордост е пред потпис со 28-годишен лев бек, кој беше дел од тимот на Монпелје, кој во 2018 година ја освои Лигата на шампионите.

Нов член на црвено-црните треба да стане Батист Бонфон, лев бек кој во моментов е дел на екипата на ПОК или повеќе позната како Екс ан прованс. Таму се пресели во 2019 година, откако претходно цела своја кариера ја мина во Монпелје. Тоа значи дека беше дел од тимот и во 2018, кога Вардар загуби од Монпелје во полуфиналето, за потоа францускиот тим да стане шампион на Европа, совладувајќи го Нант на Кире Лазаров во мечот за пехарот.

Бонфон е висок 193 сантиметри и прилично снажен со своите 97 килограми. Втора опција е на левата бековска позиција зад долгогодишниот француски репрезентативец Вилијам Акамбре. Има постигнато 34 гола за Екс во 16 меча, а кратка беше нивната авантура во Европа, бидејќи отпаднаа од квалификациите за Европската лига од Бидасоа. Бонфон има и еден настап за француската репрезентација, во подготовките пред ЕП во 2016, но не се избори за место во составот, кој потоа во Краков играше против Македонија.

Доаѓа како поддршка на левата бековска позиција, каде што веќе е потпишан Хрватот Анте Кудуз, а Филип Талески го продолжи договорот, меѓутоа Бонфон ќе има свој удел и во одбраната. Кога ќе биде официјализиран неговиот трансфер, Вардар ќе ја зголеми групата новодојденци за следната сезона, бидејќи веќе се потпишани Томовски, Гурбиндо, Ѓукиќ и Чувара, покрај споменатиот Кудуз.