Вардар се крена во финишот и го урна Охрид!

Вардар со 28-24 го победи Охрид и прокнижи нови бодови во плејофот, Охриѓани во голем дел од мечот беа рамноправен противник, но кога требаше да се решава победникот, црвено-црните го кренаа нивото и дојдоа до триумфот.

Ракометарите на Вардар фуриозно го отворија мечот, поведоа со 5-1, но како одминуваше полувремето Охрид се врати. При водство од 10-5, домаќините паднаа, Охриѓани направија серија од 4-0 и дојдоа до еден негатива. Со таа разлика и заврши првото полувреме, беше 13-12 на одморот.

Во второто полувреме двапати беше и изедначено, но Охрид во ниту еден момент не успеа да го сврти резултатот иако беше блиску до тоа. Беше 20-19 кога Вардар почна да се одлепува, го крена нивото и со финиш каков што имаше и старт покажа кој е кој и дојде до триумф од 28-24.

Вуко Борозан и Дмитро Хориха беа најефикасни со по седум постигнати гола, во составот на Охрид најдобар беше Карлос Винисиус Мораиш со пет погодоци.

Во следното коло Вардар пак е домаќин, го пречекува Тиквеш, а Охрид дома игра со Алкалоид.