Вардар повторно ќе има врвен среден бек, доаѓа португалски виртуоз!

Откако задржа неколку од ракометарите кои го сочинуваат стожерот на тимот, Вардар почна да официјализира и нови имиња. Радува информацијата дека во Скопје доаѓа среден бек со огромен потенцијал, од земјата која бележи завиден напредок во ракометот - Португалија.

Мигел Мартинс Соареш е името на новиот организатор на играта во Вардар. Станува збор за 22-годишен талентиран среден бек, висок 192 сантиметри, кој до оваа сезона играше во Порто. Впрочем, тој дојде и во Скопје лани во септември и му даде четири гола на Вардар, а потоа продолжи со извонредна сезона.

Постигна 43 погодоци за Порто, со кои беше трет стрелец во тимот, а со својата визија во организацијата на играта вреди и повеќе од бројките. Својот потенцијал Мартинс Соареш го демонстрира и во дресот на португалската репрезентација, на ЕП во Австрија, Шведска и Норвешка. Неговата репрезентација ја изненади цела Европа освојувајќи го шестото место, а тој беше важен елемент во неа, со 19 гола и 25 асистенции на осумте одиграни меча.

По францускиот голман Рибин Кантегрел, Мигел Мартинс (или Мартинш по португалски) е второто ново засилување, кое ќе ја засили екипата на Вардар, а во последнава недела потврдија дека остануваат и Дибиров, Стоилов, Чупиќ, Дисингер и Калараш.