Вардар го скрши Охрид и остана во игра за титулата!

Поранешниот македонски шампион Вардар го совлада Охрид со 29-22 во претпоследното коло од плејофот во Суперлигата и остана во игра за титулата, односно ќе мора да се надева на кикс на Пелистер во последното коло.

Вардар го отвори мечот со мини-серија од 3-0, додека Охрид првиот погодок го постигна дури во седмата минута (1-3). Скопскиот гигант постојано ја одржуваше предноста против гостинот и замина на полувреме со 15-11.

Охрид ја намали негативата на почетокот на вториот дел (16-18), а Вардар предноста од два гола ја одржуваше сè до 49. минута кога го засили темпото и влезе во одлична серија за да слави со 29-22.

Вардар има 36 бодови на втората позиција во Суперлигата, односно два бода помалку од Пелистер и ќе мора да се надева на кикс на битолчани во последното коло.

Пелистер во последниот меч ќе го пречека Алкалоид во Битола, додека Вардар ќе се соочи со Бутел.