Вардар го доби дербито со Алкалоид - еден бод го дели од титулата! (ФОТО)

Поранешниот европски шампион Вардар славеше против Алкалоид со 30-27 на својот 65. роденден со што стигна на само еден бод до титулата во македонската Суперлига.

Воведните 10 минути во натпреварот беа израмнети, по што Вардар влезе во подобар напаѓачи ритам и набрзо создаде предност од 11-8. Алкалоид бркаше негатива во продолжение од средбата, меѓутоа „црвено-црните“ ја задржаа предност од три голови на полувремето (17-14).

Вардар ја контролираше играта во нападот, додека на голот го имаше одличниот Милош Валах кој одбрани неколку добри удари на противникот, а тоа му дозволи на домашниот тим да поведе со 24-19. Следеше период на неколку исклучувања кај Вардар, што го искористи Алкалоид да намали на три голови негатива во финишот (27-30). 

Најефикасен во победничкиот тим беше Јака Малус со осум голови, додека Милош Валах запиша 14 интервенции. На спротивната страна Ненад Костески постигна шест голови, а Иван Галевски запиша шест одбрани.

Скопскиот ракометен гигант може да ја освои титулата во следното коло против најголемиот ривал, Пелистер кој е актуелен шампион.