В петок ждрепка за Суперлигата, Металург и Охрид носители

Откако доби одобрување за протоколот за тренирање и натпреварување, Ракометната федерација на Македонија (РФМ) веќе почна да презема чекори за организација на претстојната нова сезона. В петок ќе биде извршена ждрепката за новиот систем на играње, инцидентно предизвикан од паузата поради коронавирусот. Сезоната би требало да почне во вториот викенд од септември.

В петок, точно напладне, во просториите на РФМ, а со директен пренос на официјалниот јутјуб-канал ќе биде влечена ждрепката за распределба на учесниците во Суперлигата. Со оглед дека минатата сезона немаше испаѓање, а од Прва лига влегоа четири екипи, системот на натпреварување ќе го сочинуваат вкупно 16 тима, од кои два, Вардар и Еурофарм Пелистер, ќе се приклучат напролет, во плејоф-фазата (во меѓувреме ќе играат во СЕХА-лигата).

Останатите 14 екипи ќе бидат поделени во две групи од по седум и ќе одиграат 14 кола, секој против секого на гости и дома, во рамките на својата група. На крај, првите три од двете групи ќе се пласираат во плејоф-фазата, каде што ќе им се приклучат и Вардар и Е. Пелистер, а екипите од 4. до 7. место ќе играат плејаут.

Во плејофот ќе се игра за титула - повторно двокружно, дома и на гости - а во плејаутот само првопласираниот обезбедува сигурен опстанок. Вториот ќе игра бараж за опстанок со најдобриот од Прва лига.

На ждрепката в петок екипите се поделени во седум шешири, по два во секој, при што екипите од ист шешир нема да може да се паднат една против друга. Поделеноста е врз основа на пласманот во прекинатата суперлигашка сезона 2019/20.

шешир 1: РК Металург, ГРК Охрид
шешир 2: РК Пролет 62, РК Бутел 
шешир 3: РК Радовиш, РК Еурофарм Пелистер 2
шешир 4: РК Струга, РК Работнички
шешир 5: РК Астраион Хендбол, ГРК Тиквеш 2014
шешир 6: Голден Арт КЛ-7, РК Прилеп
шешир 7: РК Јуниор Кисела Вода, РК Младост Богданци