Уште еден Русин потврди дека доаѓа во Вардар

Рускиот ракометар Дмитри Санталов потврди за руските медиуми дека ќе го засили македонскиот ракометен шампион Вардар, за кого уште летово се најавуваше евентуален негов трансфер од Чеховски Медведи.

Санталов во моментов е повреден и во рехабилитациски процес откако имаше операција на скочниот зглоб по незгоден доскок пред крајот на првиот дел од сезоната. Поради повредата Санталов ќе го гледа ракометното СП на телевизија, а 22 годишниот лев бек во интервју за руски „Спорт“ објави дека веќе извесно е дека ќе дојде во Вардар.

„Многу веројатно е дека тоа ќе се случи (да заиграм за Вардар – н.з.)“, рекол Санталов на прашање дали трансферот во Вардар кој од поодамна се најавува ќе се реализира.

„Јас имам договор со Чеховски уште една година, но пред се сакам добро за закрепнам и да се вратам во форма. Сакам да му помогнам на Чеховски, кој толку многу направи за мене. Ако сè биде во ред, ќе се вратам на терените во април и овојпат нема да бидам херој, туку ќе ги слушнам советите и мислењата на докторите“, додава Санталов.

Санталов во ноември објави дека постојат преговори со Вардар и дека тие не се завршени, посочувајќи дека сите информации кои ги собрал биле дека Во Вардар ќе му биде одлично. Станува збор за лев бек, позиција која во моментов е покриена со Вуко Борозан и кристијан Дисингер, а на која игра и Сергеј Горбок, кој е повреден.

Засега само останува нејасно дали Санталов ќе дојде во Вардар веќе од следната сезона или ќе дојде во 2020 година, со оглед дека од Вардар едно заминување за следното лето има потврдено – Летонецот Данаис Криштопанс веќе потпиша за ПСЖ.