Унгарците се пофалија: Штербик потпиша за Веспрем! (ФОТО)

Ова е последна сезона на Штербик во Вардар, тука нема дилеми, особено откако и унгарските медиуми се пофалија дека потпишал за Веспрем.

Медиумите од оваа земја пишуваат дека договорот меѓу голманот на Вардар и Веспрем е завршена работа. Објаснуваат дека досегашниот прв голман на унгарскиот првак, Мирко Алиловиќ, секако си заминува од екипата бидејќи тригодишната обврска му завршува во јуни 2018 година.

Токму дотогаш траеше и ангажманот на Штербик со Вардар, меѓутоа до минатата сезона нејасно беше дали ќе ја заврши кариерата, ќе продолжи со Вардар или, пак, ќе бара друг клуб. Преку летото почнаа да го поврзуваат со Веспрем, а сега овој трансфер полека се обвистинува. Покрај унгарските медиуми, пишуваат и уште неколку специјализирани ракометни портали од Европа.

Впрочем, Веспрем е првиот клуб на Штербик во интернационалната кариера, играше таму од 2001 до 2004 година, така што разбирливо е голманот да сака таму да ја заврши кариерата. Штербик ќе полни 38 години на 20 ноември, но и понатаму важи за еден од најдобрите голмани на светот.