Талески пеел за Металург, ама и за Вардар (ВИДЕО)

Видеото што се појави синоќа на социјалните мрежи, а на кое се гледа како засилувањето на Вардар на цел глас пее за Металург, лутиот ривал на својот нов клуб, предизвика револт кај најголем дел од навивачите на црвено-црните, за кои било какво спомнување на составот од Автокоманда носи негативни емоции.

Дури ни денешното појаснување дека станува збор за стара снимка, од времето кога македонскиот репрезентативец настапувал во Германија и сѐ уште бил далеку од вардаровиот табор, не ги намали реакциите. Можеби поради тоа, се појави ново видео и истата прослава на која Талески пее „Металург, ти си шампион“, на кое се гледа како тој заедно со репрезентативните колеги Мартин Томовски, Филип Кузмановски и Жарко Пешевски и останатите присутни ја пее песната „Ој Вардаре“.

Тоа, барем засега, не ги намали негативните реакции на вардаровите навивачи, меѓу кои кружат коментари дека следно на репертоарот е да објави како пее „Битола, мој роден град“, како своевидно приближува кон навивачите на третиот гигант во македонскиот ракомет, Еурофарм Пелистер.