Од скандал до херој: Малдини предизвика сообраќајка, па му донесе прво место на Каљари (ВИДЕО)

Даниеле Малдини, синот на легендарниот Паоло Малдини, го постигна голот за победа на Каљари на гостувањето против Удинезе (1-0), продолжувајќи ја својата фантастична низа од три натпревари по ред на кои е стрелец за триумф на својот тим.

Каљари со ова стигна до третата последователна победа во Серија А и по пет одиграни кола, со натпревар повеќе, го дели првото место на табелата со останатите екипи кои имаат ист број бодови. Решавачкиот момент на натпреварот во Удине се случи во 54. минута, кога италијанскиот напаѓач доби неочекуван подарок од домашната одбрана. Дефанзивците Кабаселе и Милер целосно не се разбраа во една навидум безопасна ситуација, што Малдини го искористи за да ја казни нивната неверојатна лежерност и без двоумење да ја затресе мрежата.

Ова беше трет гол за младиот Малдини во последните три настапи, откако претходно ги решаваше и дуелите против Лече (1-0) и Аталанта (2-1). Неговата одлична форма на теренот доаѓа во период кога тој се наоѓа во центарот на вниманието на италијанската јавност поради голем скандал надвор од фудбалот. Имено, по натпреварот со тимот од Бергамо, Малдини возел под дејство на алкохол и предизвикал сообраќајна несреќа.

Во вториот натпревар кој се одигра во истиот термин, екипите на Болоња и Торино ги поделија бодовите играјќи нерешено 1-1. Бернардески им донесе водство на „биковите“, додека конечниот резултат го постави хрватскиот напаѓач Сандро Куленовиќ со погодок во 77. минута.