Талески: Чест е да се игра за Вардар, ќе се докажувам на секој натпревар!

Филип Талески е најновото засилување на Вардар, откако се договори со клубот за едногодишен ангажман. Тоа ќе значи враќање на репрезентативецот во Македонија по пауза од три години, кои ги мина во Бундеслигата.

Талески ќе биде несомнено еден од најпопуларните трансфери на Вардар, потврдувајќи ги најавите на претседателот Михајло Михајловски дека настојува да изгради избалансиран тим од Македонци и странци. Филип Талески е најекспонираниот наш репрезентативец од младата генерација, кој досега во Македонија играше само во Металург. Со ова се приклучува на едно големо друштво на ракометари кои пробале како им стои и синотата и црвено-црната комбинација.

„Чест и задоволство е да се игра во Вардар. По разговорот со претседателот Михајло Михајловски бргу се договоривме за моето доаѓање“, изјави Талески за Спорт1.

Не криеше дека го посакува и тренерот Стевче Алушовски, велејќи дека Вардар е вистинското место сега за него. Трансферот се оствари, а тоа ќе значи дека Талески се враќа на најлуксузната ракометна сцена по кратка пауза, во Лигата на шампионите.

„Навистина ќе значи многу што ќе играм во екипа како Вардар за мене и за мојата кариера. Ќе се докажувам и ќе напредувам на секој нов натпревар“, додава 24-годишниот двометраш.

Крушевчанецот, кој кариерата ја почна во Металург, а особено се истакна со извонредните настапи во младинските селекции на Македонија, играше во „Автокоманда“ до 2017 година, пред да замине во Рајн-Некар. Откако не ја доби посакуваната минутажа меѓу „лавовите“, сезоната 2019-20 ја мина во Балинген. Во моментов уште е во истоименото гратче, во југот на Германија и општата ситуација со коронавирусот го спречува да се врати.

„Со семејството си седиме тука. Мерките овде се олабавени, не ни имаше полициски час. За жал, сега уште не можеме да се вратиме во Македонија, бидејќи таму мерките се построги, мора да се седи и во карантин. Ќе почекаме малку, па ќе видиме“, вели Талески.