Самсоненко имал шанса да го спаси Вардар - но одбил!

РК Вардар се наоѓа во алармантно тешка ситуација во периодов, последиците од неа веќе се случуваат во облик на заминување на дел од играчите, а спас нема на видикот. Не се во подобра ситуација ниту нивните фудбалски колеги, кои исто така имаат долготрајно трпение. Оваи не е нешто ново, ситуацијата беше слична и минатата пролет, но сега таа има и една тажна нишка: Самсоненко имал шанси да го спаси Вардар, но – одбил. 

Според информациите до кои дојде Спорт1, на адреса на спортското друштво Вардар досега дошле две сериозни и крупни опции за излез од кризата. Едната била од познат македонски бизнисмен, кој бил "стројник" на меѓународен конзорциум, се однесувала само на РК Вардар, а сумата изнесувала четири милиони евра!

Понудата била пред Нова Година, што значи на време пред да „избувне пожар“ и играчите да почнат да си бараат чаре. Потсетуваме дека во последните денови од декември Данил Шишкарев се договори со Веспрем, а од 1 јануари наваму успешни преговори затворија Даинис Криштопанс (Фуксе Берлин), Калифа Гедбан (Адемар), Павел Атман (Спартак М.). Да не зборуваме за шпекулациите дека некој од играчите ќе си одел некаде (Скубе на пр.).

Меѓутоа понудата не била прифатена, исто како што не била прифатена и другата, која била уште поголема и се однесувала и на ФК и на РК Вардар. 

Скандинавци понудиле да вложат во црвено-црната гордост на Скопје вкупно седум милиони евра, пари со кои и двата клуба би можеле да застанат на нозе.

И двете понуди биле одбиени. Причина? Сергеј Самсоненко не сакал да им го удоволи барањето на инвеститорите, во раководните структури на клубовите да има нивни луѓе. Со други зборови, сакал да ја задржи својата позиција на апсолутен газда (барем во случајот на РК), без разлика што не ги исполнува обврските кон играчите.

Неодамна, рускиот тајкун под чие раководство РК Вардар двапати стана шампион на Европа, соопшти дека ќе си замине, како и неколку пати досега во последниве 4-5 години, но кој знае што носи иднината. И лани во април беше објавено трогателно писмо, во кој Самсоненко објави заминување, затоа што немал помош од никого во последните три години. По него стигна премија од власта за освоената титула на Вардар, а тој, сепак, стисна заби и остана. Сега, кога помошта стигнала и тоа накитена со седум цифри во европско руво – тој несфатливо одбил.

РК Вардар оваа година се мачи и резултатски, на три кола до крајот на групнатафаза од ЛШ се наоѓа на шестото место, последно кое води во осминафиналето. Ако заминувањето на некои од играчите биде доволно силен удар, може да се случи најнепосакуваното сценарио: европскиот шампион пред време да биде елиминиран.

Тимур Дибиров повика на „обединување во овие тешки моменти“, но ќе видиме дали неговиот апел делува веќе в сабота, кога во „Јане Сандански“ гостува Мотор Запорожје, последнопласираниот тим во групата.