„Сакаме да го купиме Пелистер за доброто на Битола!“

Еурофарм како компанија и Еурофарм работник како клуб првпат се огласија на тема сопственички односи во РК Пелистер. Потврдија дека во тек е процес на купување на мнозинството од сопственичките права и дека сето тоа е во интерес на ракометна Битола.

Ја нарекуваат „Платформа за ракометна Битола“, а нејзината реализација треба да биде на задоволство на сите љубители на ракометот во Битола.

Почитувани

Компанијата Еурофарм и РК Еурофарм Работник во изминатиов период сесрдно се залагаа за реализација на Договорот со Општина Битола за уредување на капиталната и управувачка структура со ракометниот клуб Пелистер.

Нашите залагања и желба за реализација на „Платформата за ракометна Битола“ беа основна цел со која влеговме во преговорите, а сето тоа да биде на задоволство на сите љубители на ракометот во Битола. Нашиот град оваа ракометна сезона е на картата на ракометна Европа каде што нашите клубови заслужуваат свое место и резултати кои ќе се паметат.

Еурофарм и Еурофарм Работник остануваат истрајни во желбата за успешна реализација на овој договор и во очекување на разрешување на сите економски и правни прашања кои во моментов се наметнуваат.

Според овој договор, новиот клуб-гигант ќе се вика Еурофарм Пелистер, а постоечкиот тим на Пелистер ќе биде младински погон, наречен Еурофарм Пелистер 2. Тимот ќе располага со буџет од еден милион евра од кои 75 проценти се обврзува да ги обесбеди компанијата Еурофарм, а 25 отсто, општина Битола, во период од четири години. Тимот уште сезонава би имал сино-бели бои, а од следната ќе ги преземе традиционалните зелено-бели.