РК Вардар по стапките на фудбалскиот брат – сезонски билет за илјадарче

Како фудбалскиот клуб, така и ракометниот клуб Вардар пушта во продажба сезонски билет за илјада денари со цел и од продажба на ваквите влезници да се надополни буџетот на клубот, откако црвено-црните претрпеа сериозна раководна реконструкција, која денеска беше промовирана пред јавноста.

Емил Угриновски, кој ќе биде претседател на неизвршни директори на Вардар, посочи дека покрај финансиската конструкција која се прави за Вардар со многу мали фирми како поддршка да има стабилност за функционирањето, клубот пушта сезонски влезници со цел вардаровите ракометари да не играат во празна сала, па побараа поддршка од најверните Комити, како за акцијата на фудбалскиот клуб, така и за ракометниот да се купуваат билетите

„Благодарност до Комити, ќе ни бидат потребни и тоа како оваа сезона. Без навивачите нема мотивација да играте, ни треба полна сала посебно со Рајн- Некар. И ние како ФК Вардар, исти навивачи навиваат за нас, под иста капа сме, така да и ние воведуваме сезонска карта без оглед колку ќе играме во Европа, како ќе биде во македонското првенство. Ги повикуваме навивачите да купат сезонски билети, како што тоа го прават за фудбалскиот клуб и да го помогнар ракометниот клуб, за ракометарите да не играат пред 200-300 гледачи, туку пред две, три, четири илјади навивачи“, рече Угриновски.

РК Вардар и низ минатите години имал сезонски влезници, но во најголем дел тие беа купувани поради мечевите во Лигата на шампионите, но во период кога му треба секаква поддршка на ракометната секција од црвено-црното семејство, досегашниот прв човек Михајло Михајловски, кој во клубот останува само со советодавна улога ги повика Комити да продолжат и понатаму да му даваат силна поддршка на ракометниот клуб.

„Благодарност до Комити што се присутни и што нѐ поддржуваа досега. Ги покануваме и понатаму да го поддржуваат Вардар, ако доаѓаат на нашите натпревари барем пола од тоа што доаѓаат на фудбалските ќе бидеме среќни“, посочи Михајловски.