Раул: Штом претседателот си оди - треба да си бараме нови клубови!
Екипата која, веројатно, ќе претрпи најсилен „тресок“, по (потенцијално) заминувањето на Сергеј Самсоненко ќе биде РК Вардар. Ракометарите оваа вест ја примија како европски шампиони и со неа на грб треба да го бранат тронот. Сепак, Раул како тренер има задача да биде најприсебен, па така и ни одговори на прашањето за нивната судбина.
„Никој не го посакува тоа, но штом претседателот така кажа, тогаш ќе треба сите да си бараме нови клубови. Но, имаме цела сезона пред нас и не треба сега да размислуваме за тоа, наше е да играме ракомет и да се фокусираме само на тоа. Тешко е, но таков е животот“, вели Раул за Спорт1.
Вардарци денеска имаа слободен ден, за одморање по тридневниот турнир во Германија. Таму забележа два пораза (Бергишер и Рајн-Некар) и една победа (Гумерсбах) во првите тестови по подготовките во Крањска Гора. Раул е задоволен од тоа како се однесувала екипата, иако вели дека има уште многу работа пред следниот предизвик, турнирот Супер глоуб во Катар, од 25 до 28 август.
„Досега трениравме напорно, одигравме три меча, но ни треба уште работа. Треба да се фокусираме на Супер глоуб и да ја искориситме шансата, кога сме веќе таму сакаме да освоиме. Тоа е голем турир, играат шампиони и големи екипи. Јас имам доверба во играчите, а тие имаат доволно искуство. Имаме време дотогаш, а сите знаат како треба да играат, само треба повеќе да тренираме. Имаме, релативно, иста екипа, нема многу промени. Досега во Словенија имавме кондициски подготовки, а сега треба да се фокусираме на ракомет“, рече тренерот.
Тоа е точно, единствената промена во тимот е Даинис Криштопанс на местото на Алекс Душебаев. Арно ама, тој заработи повреда и не играше постојано.
„Не можеше целосно да тренира зашто беше повреден, играше само на последниот натпревар. Но јас сум среќен со неговиот настап. Даде 5-6 гола одигра супер, може да игра одбрана напад контра и задоволен сум од него“, додаде Раул.
Вардар има една недела за тренирање во Скопје, а потоа патува во Доха, каде што на 25 август игра против иранскиот Гашран, во четвртфиналето од Супер глоуб. Ако не се случи чудо и победи, ќе оди во полуфинале, најверојатно, против Барселона.
ВЛАДКО АРСОВ