Пелистер во последните пет минути го скрши отпорот на Охрид

Непредвидливото трето коло од плејофот во ракометната Суперлига за малку ќе донесеше уште едно големо изненадување.

Откако вчера Тиквеш на домашен терен го победи Вардар, вечерва Пелистер се намачи со Охрид, беше и на раб на пораз за на крајот да слави со 31-27. Отпорот на охриѓани беше скршен во последните пет минути откако на моменти водеа и со три разлика против големиот фаворит и актуелен шампион.

Цело прво полувреме мина во израмнета игра при што темпото го диктираше Охрид кој во 18. минута водеше со 13-10. Пелистер успеа да ја достигне негативата и на голем одмор се замина со 17-17. И во вториот дел слична слика, Охрид најчесто беше во предност, а последното од два разлика на 12 минути пред крајот на мечот со 24-22. Клучна беше серијата од 5-1 на битолскиот тим кој со тоа дојде до предност од 27-25 по што гостите не искористија неколку напади и на крајот беа поразени.

Филип Кузмановски беше прв стрелец на натпреварот со девет гола, еден помалку во тимот на Охрид постигна Гоце Ојлески. Со оваа победа Пелистер се оддалечи на +5 од Вардар, а го задржа чекорот со Алкалоид од кого сега има само еден бод помалку.