Пелистер го совлада Бутел во првото полувреме и почна да мисли на финалето

Пелистер и Вардар ќе играат во финалето на ракометниот Куп на Македонија, откако и фаворитот од Битола ја исполни својата задача во денешниот прв ден од заврѓниот турнир во Кавадарци.

Пелистер го совлада Бутел со 25-21 остварувајќи ја зацртаната цел, без разлика што тренерот Жељко Бабиќ има што да замери на изданието на своите избраници. Неговите насоки беа почитувани во првото полувреме, кога Пелистер го доминираше ривалот, играше организирана и тешко пробојна одбрана. Иако му требаа пет минути за да го постигне првиот гол, потоа одигра течно и цврсто, па дозволи да прими само девет гола,а постигна 16.

Во вториот дел не падна мотивацијата кај играчите на Бутел, па тргнаа да се враќаат и успеаја да дојдат до минус три, 18-21 во 46. минута. Причина за тоа, веројатно, беа и ротациите во составот кои ги направи Жељко Бабиќ, па кога беше потребно ги врати најрасположените за игра и Пелистер без проблеми го сочува водството.

Јосип Божиќ-Павлетиќ со шест и Стипе Мандалиниќ со пет гола беа најефикасни, додека кај Бутел, Марко Митев броеше до шест, а Мирко Мајиќ до пет. Претходно, Вардар го победи вториот тим на Пелистер со 28-24. Финалето меѓу Вардар и Пелистер се игра в недела од 19.30, Вардар ќе го брани пехарот и ќе се обиде да го освои 15-от во своето постоење, додека Пелистер нишани на шестиот, прв по 2005 година.