Охрид ја загуби војната: Вардар го освои Суперкупот на Македонија!

Македонскиот ракометен шампион Вардар славеше во драматичниот натпревар против Охрид со 32-31 и го освои петтиот трофеј во Суперкупот, а воедно стави крај на серијата порази против „гладијаторите“.

Вардар и Охрид одиграа возбудливо прво полувреме во кое навивачите можеа да уживаат во фантастичен ракомет, а „црвено-црните“ на паузата заминаа со предност од 17-15.

Во вториот дел двете екипи продолжија со жестоката борба, а Охрид тргна подобро и поведе со 22-20, меѓутоа Вардар се врати во игра и направи пресврт (30-28).

„Гладијаторите“ не се откажуваа и набрзо израмнија на 31-31, по што победникот беше решен на 20 секунди пред крајот кога Вардар погоди пенал за 32-31, по што Охрид имаше шанса за израмнување во последните мигови преку Стрмљан, но Валах го зачува својот гол.

Најефикасен кај вардарци беше Воркапиќ со 12 голови, додека Ѓукиќ запиша шест погодоци за Охрид.

Вардар претходно два пати загуби од Охрид, и тоа на турнирот „Крсте Андоновски“ и на „Струга 2026“.