Не за кого е речено: Цехте лани го пазари Вардар, сега го претстави - Пелистер!

Словенечкиот репрезентативец, Нејц Цехте е нов ракометар на Пелистер, тој потпиша едногодишен договор со македонскиот шампион.

Битолчани почнаа да го градат тимот за настап во Лигата на шампионите, Цехте кој лани беше договорен од Вардар, сега ќе настапува во Пелистер.

Минатата година Вардар се договори со Цехте, но зделката пропадна откако беше изречена казната од ЕХФ за настап на црвено-црните во Лигата на шампионите. Сепак на Словенецот му било судено да игра во Македонија.

Пелистер информира дека Цехте потпишал едногодишен договор со можност за продолжување на соработката за уште една сезона. Официјално ќе биде претставен кон средината на јули кога ќе почнат подготовките за новата сезона.

30-годишниот десен бек во Битола пристигнува од редовите на четвртфиналистот во Лигата на шампионите и актуелен првак на Данска, ГОГ Гудме.

Цехте за репрезентацијата на Словенија има одиграно 52 натпревари, вклучувајќи и мечеви на Европско и Светско првенство.