Митев успешно опериран, ќе биде подготвен за стартот на следната сезона!

Македонскиот репрезентативец, Марко Митев, успешно беше опериран откако претрпе тешка повреда на десното колено за време на квалификацискиот дуел против Словенија за Европското првенство.

Интервенцијата на лигаментите помина според планот, а пред младиот среден бек сега следува неколкумесечна рехабилитација. Заздравувањето од ваков тип повреди обично трае најмалку шест месеци, што значи дека Митев најверојатно ќе се врати на ракометните терени дури на почетокот од следната сезона.

Алкалоид ќе мора да се справува без еден од своите најважни играчи во завршницата од сезоната, кога се води борба за титулата во Суперлигата и за пласман во финалната фаза од ЕХФ-купот.