Мисијата на РК Алкалоид ќе успее кога ќе се создадат новите Кире, Столе, Жути...
РК Алкалоид беше формиран пред година и пол и полека прераснува во најсериозната македонска ракометна организација.
Раководството на клубот денеска ја промовираше салата „Автокоманда“ во свој нов ракометен дом и ја презентираше стратегијата за развој на ракометните школи.

„Почнавме пред една и пол година, но ова кое сега го гледате е едно прекрасно чувство на млади луѓе посветени на спортот. Посакуваме да изградиме систем во кој сите ќе се вклопат и човековите вредности и растот ќе бидат на прво место. Нашата мисија ќе биде исполнета кога ќе го добиеме новиот Кире, Столе, Жути, Манасков. Кога ќе го постигнеме тоа, ќе може да кажеме дека тоа е тоа што треба. Градиме нешто добро за македонскиот спорт, за нашата држава Република Македонија, затоа што сметам дека тоа нешто е многу важно. Мора прво да веруваме во себеси, во тимот, во сите околу нас, мора да веруваме во Македонецот ако сакаме да направиме нешто како што треба“, рече првиот човек на Алкалоид, Живко Мукаетов.
На промоцијата зборуваше и Кире Лазаров, тренерот на првиот тим на РК Алкалоид.
„По само година и пол по формирањето на ракометниот клуб Алкалоид од Скопје, чест и задоволство ми е што ја имаме оваа заедничка прилика да присуствуваме на реновираниот од корен ракометен дом Автокоманда и чест и привилегија е за клуб како нашиот да имаме свој дом. Мислам дека тоа е предуслов, основа и база за понатамошна добра и квалитетна иднина. Во изминатите години од спортски аспект сакам да кажам што се имаме сработено од спортски аспект, од што сум презадоволен. РК Алкалоид почна од првата лига и за само една година влезе во најквалитетната лига - Суперлигата. Во меѓувреме формиравме уште еден ракометен клуб Мулти Есенс каде овозможивме на голем број македонски таленти да учествуваат во ист тренажен процес, со квалитетни услови, каде овозможуваме на таленти од Македонија квалитетно да се развиваат и да ја надополниме базата со квалитетни ракометари. Имаме и младински категории, кои се при или на врвот на табелата во македонската лига, од 2003 до 2008 годиште. Во план сме да формираме и други помали селекции, 2010 и 2012 годиште, со што покажуваме дека мислиме на македонската ракометна иднина. Мислам дека сме прав пример не само за клубовите во Македонија, туку во регионот и тоа не само во овој спорт, туку и во сите останати. Како што минува времето, треба да бидеме уште поквалитетни“, рече Лазаров.

„Најпрво, во име на РК Алкалоид би сакал да се заблагодарам на сите учесници кои во одреден момент беа вклучени во реконструкцијата на овој ракометен објект и на Управниот одбор на Алкалоид на чело со Живко Мукаетов без кого овој проект би бил невозможен. Клубот беше исправен пред нов предизвик, значаен инвестициски проект значаен за мак-ракометот. Оваа наша база и адаптирана спортска сала е чекор напред за поквалитетен домашен спорт, мотивирани спортисти и младинци кои ќе се градат како професионалци, со услови согласно на елитниот ракомет. Нашиот клуб останува доследен на принципот да расте и да се развива во база на квалитетни македонски ракометари кои на долгорочен план би дала македонски репрезентативци. Овој проект претставува дел од системот на РК Алкалоид, спортските и животните вредности, кои треба да се поттикнуваат со еден добар спортски систем“, рече Горан Минов.