Михајловски на 1 јуни го презема Вардар - ни гo откри планот за нов атак на ЛШ!

Се бројат деновите кога сè уште актуелниот европски шампион Вардар ќе излезе од кризата и ќе заплови во мирни води. Спорт1 го контактираше почесниот претседател на клубот, Михајло Михајловски, со цел да им даде реално лице на сите досегашни шпекулации, а тој потврди – го презема клубот со императив да го одржи високото ниво.

ВЛАДКО АРСОВ

Човекот кој го менаџираше Вардар околу две децении пред да му го предаде на Сергеј Самсоненко сега се враќа на својата голема љубов. Михајловски ги потврди шпекулациите и отворено потврди дека го презема Вардар со амбиции да го чува неговото реноме и во регионот и во Европа.

„Сега сме во фаза на предлог-договор и би требало најкасно до 1 јуни да се преземе клубот. Клубот ќе биде преземен без долгови, Сергеј ќе си ги регулира претходните долгови на играчите. Јас веќе имав состанок со играчите и кажано им е дека ќе сториме сè за да привлечеме партнери кои ќе ни помогнат да го одржиме клубот на високо ниво“, рече Михајловски.

Континуитетот кој го наметнаа црвено-црните со две титули во последните три сезони е, речиси невозможен и за многу побогати клубови. Тоа ќе биде убав сон и за новиот Вардар, но Михајловски најавува дека амбициите ќе продолжат да гравитираат во Лигата на шампионите и во нејзиниот крем од десетина најдобри екипи.

„Амбициите се да остане квалитетен Вардар, на ова ниво, да се бори за четврт-финале во ЛШ, на фајнл-фор во СЕХА-лигата и за шампионска титула и за Купот на Македонија. Тоа се амбициите, па сега ќе видиме како ќе оди реализацијата“, истакна старо-новиот претседател.

Кога ќе се спомне неговото име, автоматски на ум паѓа и Веселин Вујовиќ. Тие беа воигран тандем до пред неполни десетина години, но овој пат нема да се обединат, тврди Михајловски.

„Стевче Алушовски си останува тренер, тука ќе нема промени. Што се однесува до играчите, имавме состанок и некаде до 20 мај ќе се знае на кого ќе сметаме, а на кого не. Сепак она што е најважно сега, што се наметнува како императив е да се најдат компании, кои ќе сакаат да учествуваат во овој проект за продолжување на Вардар, како квалитетен европски бренд. Во контакт сум со повеќе фирми, потенцијални спонзори кои би можеле да помогнат и верувам во светла иднина“, кажа Михајловски.

Се разбира, финансиската моќ на Вардар ќе биде важна не само за останувањето на постојните играчи, туку и за носење нови. А тоа ќе биде потребно, бидејќи во текот на последнава сезона си заминаа или најавија трансфери Криштопанс, Атман, Шишкарев, Гедбан, Кугис, Скубе, Кукуловски... Без да наведува имиња, Михајловски со оптимизам откри дека Вардар веќе воспоставил контакт со повеќе квалитетни ракометари.

„Јас сум пријатно изненаден, што во последнава недела ми се јавија четири-пет менаџери и ми понудија 20-тина играчи. И тоа не станува збор за анонимуси, туку за квалитетни ракометари, кои можат да играат во ЛШ. Во таа смисла сум оптимист, ако некој од постојните играчи не остане, можеме да најдеме соодветна замена“, потенцира Михајловски.