Досие Металург - од ракометна религија до пропаст!

Го знаете ли она чувство од постарите филмови, кога главните улоги беа заштитени со „закон“. Кога некој толкуваше главна ролја во филм, се знаеше – за него нема умирање. Во филмовите и сериите денес таа „гаранција“ избледе, па некако не знаете на што сте. По сите епизоди, заплети и расплети, егзалтации и патетики...тоа е чувството што го буди РК Металург. Еден од малкуте вистински протагонисти на македонскиот ракомет, како во модерен филм, ѝ погледна во очи на пропаста. Тажно е ако клубот кој еднаш беше второто име на ракометна Македонија се струполи од сопките на сопствената небрежност

ВЛАДКО АРСОВ

Металург е шесткратен шампион на Македонија и сопственик на уште толку пехари од националниот Куп. Тоа е најкраткиот опис кој се изразува со бројки, но надвор од таа дефиниција Металург беше многу повеќе. За многумина дом, за уште повеќе место на раѓање, а за целата македонска јавност еден од дежурните чувари на нашиот ракомет. Можеби не изгледаше така во првата деценија од осамостојувањето, но по влезот на новиот милениум, Металург почна да станува соучесник на едно од најсветите ривалства во македонскиот спорт.

Уште додека Вардар беше доминаторот во Суперлигата не си поминуваше лесно во Автокоманда, а многу бргу дојде време да му ги предаде скапоцените метали на помладиот комшија од главниот град. Во 2006 година, со Маљцев, Ангеловски, Димовски, со младите Миркуловски и Филип Лазаров го симна на колена Вардар на Манасков, Алушовски, Мојсовски... Не една, туку двојна круна се скраси во Автокоманда и дербито беше родено. Се надигруваа како сонце и месечина, секој имаше некој друг адут за да го каже последниот збор, а никој не ни помислуваше дека ова е само почеток. Металург му грабна уште по еден пехар на Вардар во 2008 (првенство) и во 2009 (Куп) и тоа додека Веселин Вујовиќ ги чуваше од клупата, а потоа осамна нова ера.

Дојде Лино Червар!

Отпрво беше неверојатно, бидејќи во малата Македонија по правило не доаѓаа ниту играчи, ниту тренери кои си имале работа во животот со сериозни медали. Червар дојде како важечки светски и европски вицешампион со Хрватска, со уште тазе мирис од светското и од олимпиското злато од 2003 и од 2004 година. Сите знаевме што имаше направено, никој не знаеше што ќе направи. Одговорот стигна девет месеци подоцна, со втората двојна круна за клубот. Тоа беше едноставната најава на повеќеслојната приказна која следуваше. Червар не само што го дообликува карактерот на шампионски тим, туку почна една ракометна култура во населбата од влезот на Скопје. Ривалствата со Вардар допрва станаа религија, откако се врати Вујо на клупата, а на трибините се зачна еден нов род на гледачи. Тие не припаѓаа само на гласните навивачи и хаотичните толпи, туку станаа место за семејна екскурзија, кога Металург се заседна во европското друштво.

Редовните натпревари во Лигата на шампионите почнувајќи од 2010 година почнаа да градат навика за ракомет и неочекувано силна еуфорија. Македонскиот народ во тие години беше под дејство на репрезентативното петто место од Белград, а Металург беше близу 80 отсто од репрезентацијата. Се поставуваа рекорди за продажба на билети, во „Борис Трајковски“ бројот на гледачи го надминуваше капацитетот, а кулминацијата стигна во 2013/14 сезона, кога „за беља“ во истата група играше и Вардар. Лино Червар диригираше победа и над градскиот соперник и против новото катарско милениче ПСЖ со Хансен и Нарсис, но и против Барселона со Лазаров и Карабатиќ.

Автокоманда беше на седмо небо, центар не на Скопје, ами на светот, меѓутоа откако презими стигна реалноста. И во таа сезона и една подоцна, краен дострел остана четвртфиналето, со години подоцна користено како аргумент за тежината и на клубот и на поединци. Металург за последен пат го понижи Вардар во пролетта 2014, но кој да насетуваше дека оттука натаму ќе настапи долгогодишна, гладна зима.

Наместо насобрани амбиции, новата сезона донесе наталожени плати, играчите почнаа да креваат глас, а незадоволството расте лесно кога немате поддршка од „ороводецот“. Станиќ и Атман први го напуштија бродот, додека Лино Червар го воспеваше „македонскиот проект“ истовремено спроведувајќи повеќе странски играчи низ задната врата. Ракометарите направија преседан кој ги допре европските насловници. Со писмо го известија клубот дека штрајкуваат и од сала се преселија да трчаат на кеј. Во писмото побараа да си замине Червар, како прв приоритет, дури и пред задоцнетите плати. Ниту Червар си замина, ниту платите стигнаа, а Металург си ја стави првата неизбришлива дамка на своето име.

Штом заврши Мундијалот во Катар, од февруари еден по еден сениорите си заминаа. Клубот остана со Пешевски, со младите Талески, Нелоски, Палевски... На сите им стана јасно дека од „Како тебе никој друг“ остана само шум во минатото и дека ова е нов Металург. Сега од немајкаде навистина беше македонски проект, со млади и потенцијални момчиња, кои го држеа нивото на Лигата на шампионите доволно за да се пристојни. Сепак, Металург ги загуби столбовите и полека почна да се рони граѓата, додека доаѓаа и си одеа играчи на секоја сезона, па и на полусезона, товарајќи го багажот со долгови. Со периодични исплати, со привремени уверувања дека „еве сега е конечно во ред“, се менуваа и тренери, но патот кон епизодистите во нашиов ракометен филм беше неизбежен. Налето се раѓаа амбиции, доаѓаа играчи, се потпишува ветувања, а во февруари и март се броеше штетата. И така секоја година.

Директивата од ЕХФ за суспензија на Металург не може да е изненадување кога со години мотото на постоење беше „од шупливо во празно“. Некои од играчите добија по судски пат, други веќе криеја и јавно да споделат дека имаат за земање, а Металург  упорно ангажираше нови играчи кои подоцна (најчесто) се претвораа во долгови, наместо да се фокусира на она во што беше светлосни години пред другите клубови од државава – производство на играчи. Сега можно е само тоа и да остане. Ако имаме среќа. Металург му е потребен на македонскиот спорт, ама оној од пред 20 години, со чиста желба да твори ракомет и да креира играчи. Металург треба да живее, а не да преживува. Да остане пример, а не споменик. Металург сам се создаде, сам се вивна до ѕвездите – самиот ќе се турне во пропаст.