Металург не можеше вторпат до чудо, Вардар сигурен до Суперкупот!

Вардар не дозволи изненадување во натпреварот за македонскиот Супер куп и релативно лесно го совлада Металург, иако конечниот резултат не е ни близу до убедлив, 26-24. Ова е прв трофеј за новиот тренер на вардарци, Давид Писонеро, кој досега играше за пехар уште и на неофицијалното Светско клупско првенство, Супер глоуб.

Вардар ја оправда улогата на фаворит, играјќи со водство во текот на целиот натпревар. Предноста растеше постепено, како течеше првото полувреме и на паузата веќе изнесуваше високи 16-10.

Металург се обиде да биде агресивен на стартот од вториот дел, намали на три разлика, но Вардар бргу одговори и ја врати безбедната предност. Потоа следеше период на Металург без постигнат гол цели шест минути и тогаш Вардар дојде до највисоките плус седум, 26-19.

Како одминуваше времето, Писонеро им даваше шанса на играчите од клупата, па Металург ја искористи можноста да се доближи и, барем, да обезбеди достоинствен пораз. Вардар не постигна гол во последните седум минути од мечот, но Артурс Кугис бранеше доволно добро за да не ја доведе победата во прашање.

Сергеј Горбок и Тимур Дибиров постигнаа по 6 гола, Глеб Калараш 4, а кај Металург 16-годишниот Стефан Додиќ беше најефикасен со 5, Јагуриновски броеше до 4.

Ова е трет пехар за црвено-црните во третото едноподруго издание на Суперкупот, а победата претставува одмазда за поразот од Металург во финалето на Купот, во мај.