
Металург и Охрид останаа непогрешливи во Суперлигата
Металург беше безмилосен против Прилеп, совладувајќи го со 38-24. Особено импресивен фаворитот беше во второто полувреме, кое заврши со двоен ефект, 18-9. Прилепчани се држеа во првиот дел, имаа дури и еден негатива на 10 минути до крајот, но во вториот полчас ги испуштија работите од раце некаде до 40. минута, дозволувајќи разликата да стане двоцифрена.
Претходно Охрид славеше на гости кај Радовиш, со 28-22, во далеку поизедначен меч. Иако постојано водеа, Охриѓани ги има своите домаќини „во врат“ и дури во завршните 5-6 минути се одвоија на покомотно водство. Десниот бек Тот броеше до пет гола, Манасков и Блажевски постигнаа по четири, а пет имаше и најефикасниот кај Радовиш, Илиев.
Претходно денеска Работнички покажа дека мора да се смета на него во плановите за пласман во плејофот, совладувајќи го Еурофарм Пелистер 2, со 28-23, предводен од Ончев со 11 гола. Струга, пак беше сигурна против Астраион со 32-27.
До крајот на календарот има уште четири кола, меѓутоа поради одложените средби секоја од екипите има различен број одиграни натпревари, па тешко е да се постави теоретска пресметка, кој со какви шанси е за првите три позиции, кои носат во плејофот. Во групата А неприкосновен е Охрид, со максимални 24 бода, а зад него се Пролет со 18, Голден Арт КЛ7 и Струга со по 13. Во Б-групата, Металург има 18 од шест средби, Бутел 15 од исто толку, а во игра за третото место се сите освен последнопласираниот Младост.
ГРУПА А: 1. Охрид (24), 2. Пролет (18), 3. Голден Арт КЛ7 (13), 4. Струга (13), 5. Радовиш (9), 6. Јуниор КВ (3), 7. Астраион (3).
ГРУПА Б: 1. Металург (18), 2. Бутел Скопје (15), 3. Тиквеш (10), 4. Еурофарм Пелистер 2 (9), 5. Работнички (9), 6. Прилеп (7), 7. Младост (3)