Хориха стана Македонец, Вардар ќе има поголема ротација на домашна сцена!

Екипата на Вардар веќе од следните суперлигашки средби ќе може да смета на поголема ротација на средбите на домашна сцена, откако украинскиот интернационалец, Дмитро Хориха, неодамна стана државјанин на Македонија.

Добивањето пасош автоматски го префрла во категоријата „домашни ракометари“, што на тренерот Иван Чупиќ ќе му овозможи да користи уште осум странци колку што предвидуваат актите на РФМ. Петмина од нив треба да имаат најмалку пет настапи за национална селекција од матичната држава во сениорска, младинска или кадетска конкуренција, категорија во која беше и Хориха и која црвено-црните сега можат да ја дополнат со уште еден квалитетен ракометар. За останатите тројца интернационалци не постои никакво ограничување.

Ова, за жал со оглед на неговиот квалитет, не значи дека тој би можел веднаш да игра за Македонија поради строгите правила на ЕХФ. За да може тој да го облече жолто-црвениот дрес потребно е тој да мине 36 месеци по ред во „новата држава“, како и да минат најмалку три години од неговиот последен настап за претходната репрезентација.

Вардарци одлично ја почнаа новата сезона во Супер лигата со максимални шест победи од исто толку натпревари, меѓу кои се успесите против два од трите најсилните тима во државата покрај нив – Пелистер и Охрид.