Хориха потпишал за Сегед, но ќе го изгуби македонскиот пасош!?

Ракометарот на Вардар кој требаше да стане и македонски репрезентативец, Дмитро Хориха од наредната сеона ќе настапува за Пик Сегед, а тоа веројатно значи дека ќе го загуби македонскиот пасош кој веќе му е даден.

Според „Хендбол Бејс“, Хориха ги договорил сите детали со Пик Сегед и од лето се сели во унгарскиот тим.

Но, со преселбата во Сегед, Хориха веројатно ќе го загуби македонскиот пасош. Кога го доби, условот беше да игра уште една сезона за Вардар, до јуни 2027 година, со што ќе минат 36 месеци од неговиот престој во Македонија и ќе може да настапува за нашата репрезентација.

Хориха очигледно нема да ги дочека тие 36 месеци, со тоа нема да може да игра за Македонија, па нашата држава би требало да му го одземе пасошот. Проблем за него е што веќе нема ниту украински пасош.

Украинецот е најдобриот ракометар на Вардар и ќе биде од исклучителна важност до крајот на сезоната во борбата за шампионската титула.