Гоце Георгиевски потпиша за Вардар!

Македонскиот репрезентативец Гоце Георгиевски и официјално од денеска е нов ракометар на европскиот ракометен шампион, екипата на Вардар, каде ќе остане во наредните две години.

Последните три сезони десното крило ги мина во редовите на ЧСМ Букурешт во Романија, по што реши да се врати во татковината, каде по настапите за матичниот Металург, ќе заигра и за „црвено-црните“.

Иако изминатите денови се пишуваше во игра за неговиот потпис е и тимот од Автокоманда, сепак популарниот „Џомба“ се реши за актуелниот македонски шампион. На оваа позиција Вардар го има Иван Чупиќ, како и младиот Ален Ќосевски.

Вардар претходно го засилија Томислав Јагуриновски, Дмитри Санталов, Филип Талески и францускиот голман Робин Кантегрел.