Голем ден за Алкараз - може да освои уште еден голем трофеј

Карлос Алкарас се врати во репрезентативниот дрес на најдобар можен начин и ја одведе Шпанија во финалето на Дејвис купот, каде што ја очекува пресметка со бранителот на титулата, Италија.

Третиот тенисер во светот беше главниот адут на Шпанците во полуфиналето против Велика Британија. Алкараз го совлада Артур Фери со убедливи 6-2 и 6-1, за само 72 минути игра, обезбедувајќи ја втората и решавачка победа за својата репрезентација. Претходно, Рафаел Ходар беше подобар од Камерон Нори со 6-2 и 7-5, па Шпанија славеше со вкупни 2-0.

За Алкараз ова е особено емотивен момент, бидејќи минатата година поради повреда не можеше да ѝ помогне на репрезентацијата во финалето против Италија. Тогаш Шпанците загубија, а сега ќе имаат можност за реванш, и тоа со својот најдобар тенисер во составот. Шпанецот пристигна во Болоња во извонредна форма, по освојувањето на завршниот Мастерс во Торино, со серија од 14 последователни победи. Иако имаше одредени физички проблеми во последниот период, против Фери не покажа знаци на посериозни потешкотии.

„Ова беше мој сон уште од детството. За мене е огромна привилегија да играм во финале на Дејвис купот. Пресреќен сум што успеав да му го донесам решавачкиот поен на тимот и да ја однесам Шпанија во финалето. Ќе направам сè што е потребно за да го освоиме трофејот“, порача Алкараз.

Пред Шпанецот сега е еден од ретките големи предизвици што сè уште не ги остварил во кариерата – освојување на Дејвис купот. Тој ги има трофеите од сите четири Гренд слема и завршниот Мастерс турнир, па ако денеска слави, ќе му остане само уште златото од Олимписките игри на кое ќе атакува во Лос Анџелес во 2028 година. Шпанија последен пат беше шампион во 2019 година, а сега ќе се обиде да стигне до седмата титула во историјата.

На патот ѝ стои Италија, која ја брани титулата и се надева на четврти последователен трофеј. Италијанците во полуфиналето ја елиминираа Чешка со 2-1, а во финалето ќе настапат без повредениот Јаник Синер. Сепак, во составот ги имаат Лоренцо Мусети, Флавио Коболи и Матео Беретини.

Финалето во Болоња е закажано за денеска од 15 часот. За Шпанија тоа ќе биде можност да ја прекине италијанската доминација, а за Алкарас шанса да ја заокружи една од најуспешните сезони во кариерата со трофеј што одамна го посакува.