„Езерското дерби“ се враќа на спектакуларен начин - со пренос на ниво на меч од ЛШ!

Големото ривалство помеѓу екипите од Охрид и од Струга ќе може да се види в сабота, во салата „Билјанини извори“ (19.30 часот), преку ракометната пресметка на суперлигашите од овие два града, кои по подолго време настапуваат во ист ранг на натпреварување со што ги запалија страстите на спортските вљубеници желни за локално надмудрување.

Охриѓани најавуваат спектакуларно возобновување на „езерското дерби“ и тоа со интернет-пренос кој ќе биде направен според стандардите на средба од Лигата на шампионите. Тоа подразбира пренесување на возбудувањата од теренот со шест камери, соодветна графика, репетиции...

Ова ќе биде одлична можност за ракометните вљубеници, барем тие со пристап до интернет, да проследат пренос од квалитетен натпревар особено во ситуација кога дуелите од вистинската ЛШ се достапни само на мал број луѓе кои имаат пристап до регионалниот спортски канал Арена спорт, за кој претплатата воопшто не е евтина.