Дибиров: Народот покажа колку го сака Вардар, не ни треба ништо повеќе!

Вардар стана шапион на Македонија 13. пат во 27 сезони, совладувајќи го Еурофарм работник во, прилично, празна „Јане Сандански“. Ракометарите го кренаа пехарот и му се израдуваа со оние кои беа присутни, па сега ќе размислуваат само Ф4 во Лигата на шампионите.

Тимур Дибиров одигра фантастичен натпревар, постигна 10 гола веќе до 35. минута и беше еден од најзаслужните за победата на Вардар над Еурофарм со 36-29.

„Сакавме што е можно порано да ги завршиме обврските во домашното првенство, тоа многу ни значеше и сега задоволни што го освоивме, може да продолжиме да се насочиме кон Ф4 на ЛШ. Мислам дека денеска решивме сè во прво полувреме и среќни сме што оваа сезона ја завршивме на ваков начин“, изјави Дибиров.

За жал, немаше многу публика за заедно да се радуваат на пехарот, но тој вели, црвено-црните навивачи веќе им докажале колку љубов чуваат за нив.

„Сите кажуваат колку значи да се освои домашно првенство, пред своја публика. Денеска беше малку слабо со гледачи, ама добро, среде недела е може луѓето имаат обврски, нам народот ни покажа колку нè сака на натпреварот со Пик Сегед, па ништо не ни треба повеќе, кој што сака нека зборува. Јас само можам да речам фала на нашите навивачи, тие за нас направија многу.“, дополни левото крило.