Демант од Самсоненко: Не сум имал понуди за спас на Вардар!

Во текстот објавен на Вашиот медиум вчера, на 12.02.2020 година со наслов ,,Самсоненко имал шанса да го спаси Вардар – но одбил!’’ имавте изнесено целосно невистинити и непроверени информации веројатно базирани само на шпекулации. За ова прашање Вие како медиум не се обративте да побарате став или одговор на прашањата од нас туку целосно непрофесионално изнесовте информации кои во јавноста предизвикуваат погрешна слика  за ситуацијата.

Г-дин Сергеј Самсоненко во негово лично име, а со цел транспарентно и точно информирање на јавноста во продолжение го изразува својот став и ги демантира Вашите објавени информации:

„Најостро ги осудувам и целосно ги отфрлам неточните информации кои беа објавени во текстот на Вашиот медиум. Тврдам дека истите се базирани само на непроверени шпекулации кои кружат со цел да наштетат како на мојот личен углед така и на угледот на РК Вардар. Мој став и одговор на Вашите прашања не беше побаран, но јас сега од Вас одговорно барам докази за невистинитите тврдења кои ги објавивте за двете наводни понуди – сериозни и крупни опции за излез од кризата на колективот Вардар кои јас, од според Вас лични причини сум ги одбил. Сметам дека е недозволливо за еден медиум непроверено и непотврдено да изнесува невистинити и истовремено целосно дискредитирачки информации во јавноста“.

Ве известуваме дека согласно член 8 став 1 од законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета ( Службен весник на РМ бр.143/2012) ,, за клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пренесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед...,, Согласно став 2 од истиот член ,, Одговорност за клевета постои и ако невистинитото тврдење содржи факти штетни за угледот на правно лице...,,

Во таа насока, согласно член 13 став 1 од законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета бараме да се извините за изнесените клевети и навреди и јавно да ја повлечете објавата. Бараме извинувањето, повлекувањето како и овој демант да го објавите на исто место и на ист начин.

Истовремено, Ве информираме дека стоиме на располагање да ни се обратите и да дадеме одговори на Вашите прашања со цел понатамошни Ваши точни и прецизни објави во јавноста.

 

ОДГОВОР НА ДЕМАНТОТ

Почитуван Г-дине Сергеј Самсоненко, ни претставува огромна чест и задоволство што решивте, конечно, да излезете во јавност со било каков одговор на сегашната ситуација под која се наоѓаат спортските клубови Вардар, кои се во Ваша или во делумна Ваша сопственост. Жалиме што токму нашата објава е причината за тоа, но јавноста е таа која треба да пресуди кому и дали ќе верува.

Како прво, веднаш да истакнеме, Спорт1 нема намера да ја повлече веста која ве „вознемири“ иако апсолутно тоа не беше нашата цел. Како второ, исто како што сме обврзани да го објавиме секој демант испратен до нас, како што и го објавуваме и Вашиот, исто така сме обврзани и да ги штитиме нашите извори на информации. Апсолутно имате право и да нѐ тужите, гледам и дека добро баратате со членови и закони за клевети, навреди и слично, а и знам дека нема да ви биде првпат на таков начин да се пресметувате со медиуми кои не се по Ваш вкус.

Нашите досегашни обиди за комуникација со Вас, со членови на вашата управа, со луѓето кои работат во Вашите клубови... секогаш завршуваа со нем глас и кревање рамења од спротивната страна. И тоа само ако се соочиме лице во лице. За телефонски обиди, да не ни зборуваме, зашто никојпат никој, заклучно и Вие, не сте нѐ удостоиле со кревање слушалка. Можеби сме виновни што не сме се обиделе преку социјалните мрежи, но за нас е несериозно да бараме одговор за било какви прашања во врска со клубот на пример... преку Инстаграм. Знам дека нашата „неспособност“ да добиеме одговор за било какви прашања од Вашата страна нѐ прави да бидеме лоши новинари, но тоа е правопропорционално и со луѓето со кои се обидуваме да стапиме во контакт. 

Ако мислевте дека објавата на Спорт1, која толку ве погоди, имала намера да наштети на Вашата чест и углед - се лажете. Вашата чест и углед се изградени одамна во Македонија, и двете растеа и се развиваа согласно резултатите и успесите на колективите кои Вие ги водите. Најмалку можеме ние, едно „порталче“, како што милуваат да ни се обратат тие кои читаат тоа што не сакаат да го слушнат, да ви ја урнеме честа и угледот. Има една позната македонска изрека која вели дека „никој не може да ти направи толку лошо колку што може човек сам себеси да си наштети“. Сигурен сум дека сте ја слушнале. 

Знам дека следно што можеме да очекуваме е и забрана за наше присуство како редакција на натпреварите и прес-конференциите на клубовите Вардар, зашто во минатото имавте и такви случаи. Но, тоа нема да нѐ поколеба и понатаму да информираме за Вардар, да се веселиме на победите, да тагуваме за поразите, да објавуваме пофални текстови кога треба да се фали, но и критики, кога нешто нема да биде во ред.

А најмалку од сѐ, можете да нѐ натерате да го отсакаме клубот со кој пораснавме, со кој сме врзани како со папочна врска уште од раѓањето, за разлика од Вашето опкружување, кое Вардар го засака кога вие дојдовте да бидете сопственик.

Со почит,

Златко Крстевски

Управител на Спорт1 ДОО