Чкембари со четири автобуси доаѓаат на мегдан со Комити во „Јане Сандански“

Претстојното ракометно дерби помеѓу Вардар и Пелистер ќе донесе спектакл на теренот, но и на трибините, каде што повторно ќе се најдат две навивачки групи.

На денешната прес-конференција беше потврдено дека гостинскиот тим ќе има поддршка од најмалку 200 фанови.

„Минатата сезона немаше гостински навивачи на овие дуели бидејќи сакавме да ги смириме страстите по немилите сцени од пред две години. Наша цел е да се игра во максимална спортска атмосфера, па затоа за годинава решивме да дадеме зелено светло за присуство на гостински навивачи почнувајќи од ова дерби со Пелистер. Ривалството е нешто потребно, на терен и на трибини и верувам дека се ќе мине во најдобар ред. Четири автобуси со вкупно 200 навивачи ќе дојдат од Битола“, изјави оперативниот директор на РК Вардар, Андрија Нунев.

Ракометното вечно дерби ќе се одигра в сабота (17.45 часот) во салата „Јане Сандански“ во Скопје.