Бутел и Охрид играа ракомет, а постигнуваа голови како за - ватерполо!

Седмото коло во ракометната Суперлига заврши со еден од најнеобичните натпревари во македонскиот ракомет во последната деценија, меч кој потсеќа на ракометот од 90-тите со резултат, кој повеќе личи на ватерполо, отколку на ракомет.

Бутел излезе како победник во дуелот со Охрид, разменувајќи неверојатни 29 гола! Првото полувреме домаќините го добија со 10-6, предводени од фантастичниот Градимир Чаневски со 11 интервенции дотогаш. Разликата, практично, Бутел ја направи во последните минути, па со два врзани гола дојдоа до предност, која се покажа клучна во уште потврдото второ полувреме.

Реализацијата на Бутел дополнително падна, Јагош Брауновиќ на спротивната страна му се приклучина Чаневски во голманското шоу и Охрид почна да се доближува. Вистинската драма беше сочувана за крај, на две минути до сирената, кога Охрид намали на 15-14. Потоа Брауновиќ одбрани пенал на Златко Мојсоски, а до крајот не само што имаше напад за изедначување, дури и досуден седмерец.

Меѓутоа, по консултација со записничката маса судиите ја сменија одлуката и ја вратија топката назад, па обидот за целосно враќање на охриѓани пропадна. Чаневски беше јунак на натпреварот без конкуренција, со повеќе одбрани отколку примени голови: 18 наспроти 15. Брауновиќ на спротивната страна застана на 11, додека кај стрелците Мирко Мајиќ предводеше со пет гола за победникот, а Филип Николов и Мартин Манасков постигнаа по три кај поразените.

Со оваа победа Бутел дојде во групата екипи зад неприкосновената двојка напред, благодарение и на поразот на Еуфофарм Пелистер 2. Студен туш во Битола приреди тимот на Тиквеш со 26-24 (12-14), на крилјата на Страхиња Симиќ со седум гола.. Кузманоски беше најуспешен кај битолчани со пет. На останатите средби победи славеа Металург над Радовиш и Прилеп над Струга.

 

ТАБЕЛА: Вардар 21, Е. Пелистер 18, Е. Пелистер 2, Бутел 15, Пролет 15, Охрид 12, Прилеп 9, Металург 6, Радовиш 6, Струга 3, Радовиш 3, Скопје 0.

7. КОЛО

Бутел - Охрид 15-14

Е. Пелистер 2 - Тиквеш 24-26

Металург - Радовиш 31-19

Прилеп - Струга 25-22

Пролет - Вардар 26-35

Е. Пелистер - Скопје 38-12