Алкалоид го растури вториот тим на Пелистер – среде Битола (ФОТО)
Средбата во салата „Боро Чурлевски“ целосно мина во знакот на гостите од Скопје, кои по краткиот израмнет почеток брзо ја презедоа контролата и без поголеми проблеми ја завршија работата. Алкалоид направи серија од 6-0 и уште во 12. минута поведе со 7-2, по што рутински ја зголемуваше предноста. Во вториот дел рано стигна и до двоцифрена предност (22-12), а и покрај обидот на пелистерци да се вратат во мечот, гостите со сигурна и дисциплинирана игра во финишот ја зголемија разликата до конечни 36-22 – највисока на натпреварот.

Најефикасен во победничкиот состав беше Улфар Тордарсон со перфектен учинок од осум погодоци од осум обиди, додека Ненад Костески додаде пет. Одлична поддршка дадоа и браќата Митеви и Џонов со по четири гола, додека голманот Марко Кизиќ забележа 12, а Иван Галевски имаше осум одбрани. Кај Пелистер 2, најрасположен беше Бен Махфуд со осум погодоци.

Алкалоид со овој триумф дојде до 33 бодови и барем привремено е на делба на второто место заедно со Охрид, што може да се промени во случај на победа на Пелистер на вечерашното гостување кај Радовиш.




