Вардар го победи Алкалоид во дербито од 4. коло во ракометната Суперлига, но добро се помачи додека го направи тоа, стравувајќи за бодовите до последните минути.

Шампионот славеше со 28-25, благодарение на серијата со 5-0 во последните седум минути, враќајќи се од негатива, која малку кој ја очекуваше. Некаде по 45. минута, кога изгледаше дека Алкалоид полека ќе губи чекор во однос на фаворитот, Кире Лазаров свика тајм-аут, ги мотивира ракометарите и оттогаш направи серија од пет гола едноподруго.

Вардар водеше со 21-17 во тој момент, но Алкалоид ја презеда палката со 22-21 во 49. минута и мечот влезе во неизвесна завршница. Водството дојде и до плус два, но на 25-23 младиот суперлигаш застана. Клучна улога за Вардар одигра Мартин Томовски со еден фатен седмерец во тие моменти и уште неколку зицери за вкупно 10 интервенции.

Претходно, првото полувреме имаше обратен редослед од тоа што се случуваше во второто. Вардар беше тимот кој подолго водеше, во еден момент и со 12-9, но Алкалоид финишираше со серија од четири гола за 13-9 на паузата.

Дејан Манасков со осум гола и Филип Талески со шест ги предводеа црвено-црните, а Марко Стојковиќ со шест и Мартин Серафимов со пет погодоци беа најефикасни кај Алкалоид. За Вардар ова е четврта победа во четири кола и со 12 бода води во групата А, додека Алкалоид остана на девет, колку што сега има и Бутел, откако лесно го надигра Вардар во Неготино со 27-20.