Откако не замина од Ренџерс, Миовски сам ќе се грижи за својата кариера

Македонскиот напаѓач Бојан Миовски веројатно незадоволен од работата на неговиот агент или менаџерска агенција објави соопштение во кое порача дека во иднина самиот ќе води преговори.

Преодниот рок во Шкотска заврши, а Миовски иако се поврзуваше со разни клубови на крајот остана во Ренџерс каде што не добива премногу простор за игра.

„Сакам да потврдам дека во моментов не сум претставуван од ниту еден агент или менаџерска агенција. Во следниот период лично самиот ќе ги менаџирам сите активности поврзани со мојата професионална кариера и иднина. Било какви барања околу мојата кариера или идни можности треба да бидат упатени лично до мене“, стои во соопштението кое го објави на социјалните мрежи.