Мундо Депортиво ја советува Барса: Купете го Столе!

Каталонскиот весник Мундо Депортиво ѝ даде препорака на Барселона да го донесе Столе Димитриевски како резервен голман за идната сезона.

Клубот се уште размислува дали да го задржи сегашниот втор голман Ињаки Пења чиј договор истекува на 30 јуни, истиот ден кога и македонскиот репрезентативец треба да стане слободен агент и потоа без отштета да се пресели во Каталонија. Во својот текст, новинарот Жорди Батаља потсетува дека Димитриевски беше во конкуренција за трансфер во Барселона и во 2022 година кога беше неизвесна ситуацијата со Нето, но Бразилецот тогаш одлучи да остане и преговорите пропаднаа.

И две години подоцна, Димитриевски е еден од најдобрите голмани во Ла Лига, со добар процент на одбрани. Се наоѓа на третото место во шпанското првенство по број на натпревари без примен гол, со девет, зад Унаи Симон од Атлетик Билбао кој има 12 и Алекс Ремиро од Сосиедад со 11.

Пред два дена Димитриевски изјави дека нема понуди од други клубови и со 90% сигурност ќе потпише нов договор со Рајо Ваљекано чиј член е од 2018 година.