Жена го тужи Тајсон дека ја силувал во 90-тите, но сакала да остане анонимна

Некогашниот најопасен човек на светот, Мајк Тајсон, месецов доби своевидно „дежаву“ затоа што уште еднаш во животот е обвинет за силување. 

Се разбира, сега е за старо дело, кое наводно датирало на почетокот на 90-тите, кога тој веќе одлежи три години во затвор поради исти обвинувања.

Обвинет е од жена, која во целиов процес побарала да остане анонимна. Според нејзиното сведоштво, Тајсон ја силувал во лимузина, откако го сретнала во ноќен клуб во Њујорк и поради тоа претрпела „физички, психички и емоционални повреди“ во годините кои следувале, па бара отштета од пет милиони долари.

Интересно е тоа што жената во својата изјава не навела точен датум на злочинот, туку само рекла „на почетокот на 90-тите“. Тужбата ја понела позната адвокатска куќа од Њујорк според која, првично не ѝ верувале на зборот на жената, но откако ги истражиле нејзините наводи, утврдиле дека се „многу веродостојни“.

„Неколку пати му реков 'не' и го замолив да престане, но тој продолжи да ме напаѓа. Потоа ми ги соблече пантолоните и насилно ме силуваше“, пишувало во изјавата на жената, во описот на случајот.

Тајсон сега има 56 години и негува неспоредливо помирен имиџ од 90-тите, кога имаше повеќе проблеми со законот. На 10 февруари 1992 година беше осуден за силување на Дезајр Вашингтон, во Индијанополис, па поради тоа мина три години зад решетки.